1. ПРОГРАМАТА

 

 


1. 1. Основа
Со осамостојувањето на Република Македонија и втемелувањето на плуралистички и демократски систем беа формирани повеќе од пет илјади граѓански организации. Денес овие организации покриваат релевантни области на општествените активности на граѓаните и се директен одговор на потребите на општеството.
Во моментов Македонија се соочува со повеќе предизвици, меѓу кои како нај­суш­те-стве­ни може да се окарактеризираат следните три: прво, во демократскиот развој, предизвикот е од развој на повеќепартиски систем да се премине во партиципативна демократија; второ, во социо-економскиот развој потребна е промена на курсот од бенефиции само на дел од населението кон развој и добивка за посиромашните слоеви на населението, и третиот предизвик е општествениот развој во кој од една релативна сегрегираност на општеството по­требно е да се движиме кон мултикултурна интеграција и хармонизација. Во еден таков кон­­текст граѓанските организации покрај општите, имаат и свои специфични предизвици. Од социјално-хуманитарниот пристап кој доминираше последните десет години, граѓанските организации ќе треба да се насочуваат кон развој и кон влијание на јавните политики, од мо­де­ли и концепти засновани на искуствата од развиените граѓански општества кон одомаќени концепти и практики.
Слабата меѓусебна соработка, како и соработката и поддршката од државата и делов­ни­от сектор, во изминатиот период се должи на лошата економска ситуација и неколкуте кризи кои последователно се случуваа. Доколку постоеше соработка, таа се сведуваше токму на ре­шавање на дел од проблемите поврзани со кризите. Во периодот кој претстои, со фоку­си­ра­њето на потрагата по одомаќени концепти и практики на граѓанското општество, потре­ба­та од создавање услови за непречен развој и дејствување на граѓанските организации и пот­тик­нувањето на овозможувачка околина ќе треба да бидат едни од приоритетите.
  Со донесувањето на Законот за здруженија на граѓани и фондации во 1998 година, се вос­пос­та­вија правните основи за изградба на граѓанското општество во Република Македо­ни­ја. И покрај големата придобивка од овој закон, сепак останаа некои недоречености и нејаснотии кои е потребно да бидат појаснети или изменети.
Во однос на даночните олеснувања, споредбено со земјите од централна и источна Европа, Македонија се наоѓа речиси на дното по скоро сите прашања на ослободувањата, олеснувањата и третманот на граѓанските организации, кај сите видови даноци.
Финансирањето на граѓанските организации од страна на државата е незначително. Последните десет години, во буџетот се издвојуваат меѓу 10 и 20 милиони денари годишно. По­себни средства се издвојуваат од лотарија и други игри на среќа, кои се наменети за За­ед­ницата на инвалидски организации на Македонија. Критериуми за распределба на сред­ствата, како и долгорочна стратегија за начинот на поддршка на граѓанските организации од страна на државата, сè уште отсуствуваат.
Исто така, не постојат никакви олеснителни мерки за граѓаните и деловните субјекти кои се подготвени да ги поддржат активностите на граѓанските организации. Со ана­ли­зата на изворите на финансирање на 200 граѓански организации, направена од ИТЗ во јануари 2003 година, се дојде до следниве податоци:
- 74% се финансираат од грантови обезбедени од странски или домашни фондации и донатори
- 10% од средствата доаѓаат од сопствени извори (членарина и самофинансирање)
- 8% доаѓаат од централната или локалната власт
- деловниот сектор учествува со 4% од финансирањето
- 4 % од донации од индивидуалци.
За фокусирање од странска кон домашна поддршка, многу е битно да се создаде култура на давање средства од индивидуалци и бизнис заедницата. Самите граѓански организации треба да практикуваат мобилизирање ресурси од своите заедници. Тоа ќе значи не само долгорочно обезбедување на значителен процент од годишниот буџет, туку и постојано вложување во развој на капацитетите на организацијата, како и активно вклучување на целата заедница во разрешувањето на проблемите.
Самофинансирачките активности кои се преземаат од деловните ентитети, формирани од страна на граѓанските организации како резултат на одребите на Законот за здруженија на граѓани и фондации, се во пораст.
Според истражувањето на ИТЗ на граѓанскиот сектор од 2001 година, беше покажано дека 40% од граѓанските организации се потпираат врз услугите од волонтерите кои донираат меѓу 20 и 100 часа месечно. Честопати волонтерскиот учесник е единствениот начин на функционирање.
Во изминатиов период неколку здруженија формираа мрежи за правата на децата, Ромите, семејно насилство, новинари и сл. и креираа етички кодекси, со кои се обидоа за сво­и­те членови да создадат атмосфера на зголемени етички стандарди, одговорност и транс­парентност.
Како клучен проблем на граѓанските организации се истакнува и нивната недело­твор­ност. Честопати активностите на секторот се ограничуваат на отстранување на последиците од одредени негативни појави во различни сфери на општествениот живот, додека нема фокус кон стратешкото планирање и анализирање на корените на проблемите. Тоа придонесува за сé уште доминантното стереотипно разбирање и идентификација на граѓан­ски­от сектор само како хуманитарно-волонтеристичка дејност, без потенцијал да создаде по­го­ле­ми опшествени промени.
Односите со другите актери сè уште се во процес на градење и не се на потребното ниво кое би значело целосна посветеност, искористеност и реализација на капацитетите во функција на постигнување на заедничките цели.
Од друга страна, и во рамките на самиот граѓански сектор комуникацијата, коорди­на­ци­ја­та и соработката меѓу граѓанските организации, сè уште се оценува како недоволна. Ме­ѓу­тоа и покрај ваквите видувања, потребно е да се спомене дека зад себе граѓанските организации веќе имаат искуства и напори за создавање различни облици на координација, на вмрежување, на стапување во сојузи и тоа од формални коалиции, па до многу лабави облици на здружување на програмска основа, краткотрајно или долготрајно.
Потребата од градење партнерски однос меѓу граѓанските организации, но и со чини­те­ли­те на другите сектори и создавање услови за нивен непречен развој и дејствување треба да биде заедничка цел и приоритетна задача.

1. 2. Оправданост
Граѓанските организации во Македонија сè уште не се избориле за своето место и улога во општеството. Најголемиот број сè уште се организациски и финансиски слаби, а граѓанскиот сектор во целина не е доволно институционално зајакнат.
Правната и фискалната рамка се неповолни за граѓанските организации. Во измина­ти­те неколку месеци направени се обиди за измена и подобрување на истите. Законот за здруженија на граѓани и фондации е во процес на измена, а неколку граѓански организации и надлежните државни институции се вклучени во расправата.
Во ситуација кога е предвидливо намалување на достапните финансиски ресурси, зголемувањето на влијанието на граѓанските организации, ќе зависи од одомаќинувањето, односно од капитализација на она што тие го имаат како социјален капитал, од меѓусебните до односите со другите актери во општеството. Тоа е еден од предусловите за обезбеду­ва­ње долгорочна одржливост на секторот.
Доближувањето на концептот на граѓанското општество до јавноста, промоцијата на граѓанскиот сектор и воспоставување комуникација, координација и соработка на ниво на секторот, а потоа и со другите актери се приоритет.
Неопходно е граѓанските организации да работат на стекнување на довербата меѓу граѓаните и на градење на идентитетот. Граѓанскиот сектор треба да тежнее кон сопствен идентитет преку надминување на поделеноста и подобрување на комуникацијата, координа­ци­јата и соработката.
За потребата од развој на граѓанското општество и граѓанските организации и ини­ци­ја­ти­ви укажуваат и препораките кои ги подготви Европската Комисија за процесот на ста­би­ли­за­ција и асоцијација на Република Македонија со Европската Унија. Во двата последни извештаи забележано е дека иако постои напредок во развојот на граѓанското општество, сепак постојат многу работи кои треба да се направат. Меѓу другото во извештајот се вели: „…во него (Законот за здруженија на граѓани и фондации-ЗЗГФ) нема никакви одредби за посебен даночен третман или други стимуланси за поттикнување на непрофитните организации. И во оваа сфера останува многу да се направи.“
Владата, во јуни 2003 година, донесе акциски план во кој посветува дел за развојот на граѓанското општество и соработката со граѓанските организации. Овој план треба да пос­лу­жи како основа за подобрување на меѓусебниот дијалог и преземање активности за спрове­ду­вање на целите предвидени во планот.
Досега се реализирани неколку иницијативи на граѓанските организации, за олесну­ва­ње на спроведувањето на законската регулатива. Така МЦМС организираше јавни дебати за законот, го публикуваше „Коментарот на Законот за здруженија на граѓани и фондации“, организираше обука за судии кои вршат регистрација на здруженијата на граѓани и фондации и помогна во функционирањето на „Централен НВО регистар“. Се објави и студијата „Пре­глед на даночните закони кои имаат влијание врз невладините организации во централна и источна Европа“ и „Финансирање на граѓанските органзиации од страна на државата“.
ИТЗ објави три брошури за олеснување на процесот на регистрирање на здруженија на граѓани, а Меѓаши го спроведе проектот „НВО и бизнис секторот работат за доброто на граѓаните“, во чии рамки се направи истражување за соработката меѓу граѓанските организа­ции и субјекти од деловниот сектор.
Еден од најважните извори за ресурси во граѓанските организации е и потпирањето врз волонтерите. Голем број организации сè уште го немаат развиено својот капацитет за ра­бота со волонтери. Постои потреба од законско регулирање на оваа област и поддржување на развојот на волонтерството на национално ниво.
Показател за консолидирање и развој на граѓанското општество, ќе биде и донесу­ва­ње и успешно применување етички стандарди, кои ќе обезбедат професионално, одго­вор­но и транспарентно работење, со механизми на проверка внатре во граѓанскиот сектор.
Прикажувањето на резултатите кои граѓанските организации ги постигнуваат, е многу битно за менување на сликата за секторот. Придонесот е еден од приоритетите за да секторот стане поделотворен и со позитивен имиџ на локално, национално и меѓународно ниво.
Функционирањето на ГПМ треба да овозможи остварување на стратешките интереси на граѓанското општество, како: подобрена комуникација, координација и соработка меѓу ак­те­рите во секторот, подобрување на имиџот во јавноста (зголемување на нивото на ин­фор­ми­раност за граѓанскиот сектор во јавноста, подобрени односи со медиумите), подобрени односи со другите актери (јавен сектор, деловен сектор, меѓународни организации и аген­ции), градење одомаќени концепти и практики (истражување, расправа, препораки и мерки), подобрување на транспарентноста и воспоставување механизми за само­ре­гу­ла­ци­ја, подобрување на правната и фискалната рамка за функционирање на граѓанското опш­те- ство, подобрување на практиките за мобилизирање ресурси на локално ниво.

 2. Рамка на програмата

2. 1. Цели и задачи
Генерална цел е втемелување на граѓанскиот сектор како рамноправен партнер во општеството заради постигнување позитивни општествени промени, односно воспоставу-вање партиципативна демократија и општествено одговорен деловенсектор.
Целта на програмата е создавање отворено место за размислување, демократска расправа на идеи, формулација на предлози, слободна размена на искуства и меѓусебно поврзување за делотворна акција на граѓанските организации и зголемено влијание на граѓанскиот сектор во Македонија.
2. 2. Целна група
Целна група се граѓанските организации во Република Македонија, кои се и директни корисници. Индиректни корисници се и граѓаните, организациите и институциите од државниот и делов­ни­от сектор во Република Македонија, како и меѓународните организации.

 2.3. Очекувани резултати
Во текот на двегодишниот период на спроведување на програмата, се очекува пос­тиг­ну­вање на следните резултати:
- подобрена кому­ни­ка­ција, коор­ди­нација, со­работка и вмре­жу­вање на гра­ѓанските организации;
- подобрена правна и фис­кал­на рамка за гра­ѓан­ските органи­зации;
- создадени капа­ци­тети и механизми за саморегулација на орга­ни­зации;
- подобрена делотвор­ност и имиџ на гра­ѓан­скиот сектор;
- развиена домашна инфраструктура за мобилизирање ресурси.

 

 
 
 
  логин
  календар
 
   
© Copyright 2007 ; Граѓанска платформа на Македонија сите права се эадржани od ГПМ