ПОВЕЛБА НА ПРИНЦИПИ

 

 

Принципите на оваа повелба - што треба да бидат почитувани од сите што сакаат да учествуваат во овој процес - ги дефинираат ориентациите на Граѓанската платформа на Македонија (во понатамошниот текст Платформата).
1. Платформата е отворено место за размислување, демократска расправа на идеи, формулација на предлози, слободна размена на искуства и меѓусебно поврзување за делотворна акција на граѓанските организации што се посветени на градење граѓанско општество во Македонија.
2. Платформата има плуралистички, разновиден, нерелигиозен, невладин и непартиски контекст што на децентрализиран начин ги поврзува граѓанските организации вклучени во конкретни активности, од локално, преку национално, до меѓународно ниво, со цел градење граѓанско општество.
3. Платформата подразбира и е посветена на:

  1. почитување на универзалните човечки права и на правата на сите граѓани без разлика на род, возраст, вера, култура, нација и раса;
  2. развој на плурална и партиципативна демократија;
  3. социоекономски развој и културен просперитет;
  4. одржлив мир и стабилност;
  5. општествена кохезија, интеграција и хармонија;
  6. грижа за животната средина и одржливиот развој;
  7. социјална сигурност и солидарност
  8. почитување на разликите и ненасилство

4. Платформата ги собира и меѓусебно ги поврзува граѓанските организации (и другите чинители на граѓанското општество во Македонија), но нема намера да биде тело што ексклузивно ќе го претставува македонското граѓанско општество.
Легитимноста на Платформата ќе биде резултат на нејзината способност да го зајакне граѓанското општество (граѓанскиот сектор), добро да го вкорени и да обезбеди организираност и постојаност.
5. Платформата не создава центар на моќта кој би создал простор за оспорување од страна на учесниците, ниту пак има намера да создава единствена опција за меѓусебна комуникација и акција од страна на граѓанските организации што учествуваат во Граѓанската платформа на Македонија. Настаните и активностите на Платформата не се одвиваат во името на Платформата како тело. Според тоа, никој нема да биде  авторизиран во името на Платформата да изразува ставови за кои ќе тврди дека се ставови на сите учесници на Платформата. Учесниците на Платформата нема да бидат обврзани да донесуваат одлуки како тело, без разлика дали со гласање или со акламација, во врска со декларации или предлози за акција што би ги вклучиле сите или поголемиот дел од учесниците и би претставувале еден вид иницијативи за поставување основачки позиции на Платформата како тело.
6. Сепак, на граѓанските организации или други чинители што учествуваат во настаните и активностите на Платформата мора да им биде осигурено правото, во текот на таквите настани и активности, да разгледуваат и да анализираат декларации или активности за кои може да донесуваат одлуки, самостојно или во координација со другите учесници. Платформата си презема обврска, со помош на средствата што ги има на располагање, да ги дистрибуира таквите одлуки без да ги цензурира, ограничува или контролира, туку такви какви што се, како размислувања и анализи на организациите или групите на организации што ги имаат донесено одлуките.
7. Платформата секогаш ќе биде отворена за плурализам и за разновидност во сферата на активностите и начините на кои различни граѓански организации се вклучуваат во активностите.
Платформата е широко отворена и за сите граѓани, кои припаѓаат на различни родови, етнички заедници, култури, генерации, физички капацитети, политички партии и движења, кои ја почитуваат Повелбата на принципи.
8. Платформата настојува да го зголеми капацитетот на граѓанскиот сектор и способноста за мобилизација на граѓанското општество, што ќе влијае на јакнење на граѓанскиот и политичкиот простор.
9. Платформата, како рамка за размена на искуства, го поттикнува меѓусебното разбирање и почитување на граѓанските организации што се учесници,  поттикнува поголем дијалог меѓу граѓанските организации и става посебно значење на размената на искуства помеѓу нив, и на нивната комуникација, координација и соработка.
10. Платформата, како контекст за меѓусебни релации, настојува да ги зајакне и да изгради нови локални, национални и меѓународни врски помеѓу граѓанските организации и другите чинители на граѓанското општество.
11. Платформата ќе трага по одомаќинети (општо прифатени) вредности, концепти и практики на граѓанско општество и ќе ја поттикнува нивната изградба. Граѓанските организации и иницијативи се делотворни само ако се домашна сопственост и ако се вкоренети во општеството. Тоа ќе придонесе кон зголемена легитимност, јачина и независност.
12. Платформата ќе поттикнува изградба на капацитет на граѓанските организации за мобилизација на домашна поддршка за нивните цели. Со мобилизација на поддршка и средства дома, ќе се намалува зависноста од меѓународни извори на финансирање. Платформата ќе поттикнува овозможувачка околина за домашна мобилизација на поддршка и средства.
Тоа ќе значи градење идентитет, имиџ и комуникации со јавноста што ќе ја зголемат довербата.
Тоа ќе значи граѓански сектор кој работи со највисоки етички стандарди на одговорност и јавност (транспарентност).
Тоа ќе значи способност да се документираат резултатите и делотворнаста на граѓанските организации.
13. Платформата, како контекст за промени, настојува да воспостави партнерски односи со државниот сектор, деловниот сектор и меѓународните организации и агенции во Република Македонија за воспоставување партиципативна демократија и социјално (општествено) одговорен деловенсектор.
14. Платформата е процес што ги охрабрува своите учеснички, кои без разлика што ги ситуираат своите активности, од локално до национално ниво, активно да учествуваат во меѓународниот контекст (регион, Европа и глобално), за прашањата од пошироко значење и кога меѓународните одлуки влијаат на домашниот контекст.

 

 
 
 
  логин
  календар
 
   
© Copyright 2007 ; Граѓанска платформа на Македонија сите права се эадржани od ГПМ