5. Мобилизирање ресурси и волонтерство
5.1. Развиени капацитети за мобилизирање ресурси
5.1.1. Организирање тематски настан за мобилизирање ресурси
Целта на овој тип настани е промовирање на концептот на прибирање финансиски средства и создавање алтернативни финансиски и материјални ресурси за македонските ГОи на национално или регионално ниво. Исто така една од целите е да се направи анализа за тоа колку е возможно да се организираат настани во кои акцентот е ставен на „обезбедување финансиски средства од поединци“, како и што сé е потребно за барањето да биде успешно. Настанот може да се поврзе со соодветен аргумент или прашање - на пример прибирање средства за лицата со хендикеп или за лицата со ХИВ/СИДА во зависност од периодот на одржување.
Оваа активност ќе се случува за време на одржувањето на НВО Саемите.
5.2. Воспоставени алтернативни можности за финансирање
5.2.1. Зголемување на соработката и партнерството на граѓанските организации со ЕЛС
Целта на оваа активност е да се овозможи навремено информирање на локалната администрација и презентација на модели на поддршка на граѓанските организации од ЕЛС, во процесот на децентрализација. Во рамките на оваа активност се планира да се организира серија од 4 регионални средби за дискусија меѓу граѓанскиот сектор и градоначалниците претставени преку ЗЕЛС.
Како резултат на овие средби ќе се добијат насоки за ЕЛС да организираат структура за поддршка на граѓанските организации во решавањето на прашањата на локално ниво (на пр. формирање фондови за развој на заедницата, еднаков пристап на граѓанските организации во тендерите за обезбедување услуги во социјалната сфера итн.).
5.2.2. Промоција на соработката со деловниот сектор
Со оваа активност ќе се воспостават механизми за заедничко запознавање меѓу ГОи и деловниот сектор, преку организирање заеднички средби и конференции со него. За почеток се планира да се донесе познат и препознатлив бизнисмен од регионот или светот, кој ќе направи презентација пред поголемите македонски бизнисмени за концептот за социјално-одговорни претприемачи или за практиките и примерите за соработка од нивните држави. Потоа ќе се воспостави план за средби и теми на дискусии.
5.2.3. Промоција и практикување на концептот за ГО како даватели на услуги
Во насока на поддршка на граѓанските организации од страна на државата и нивната одржливост е и можноста да се растовари државата од определени свои функции, во различни сектори од општественото живеење, каде овие организации би можеле поуспешно и на поекономичен начин да одговорат на потребите на населението.
За таа цел ќе се подготви анализа на законите кои ги третираат овие можности (социјална работа, животна средина, децентрализација), а и ќе се разгледаат можностите за вклученост на граѓанските организации во испорачување услуги. Анализата (прегледот) ќе биде дистрибуирана до организациите членки на ГПМ и ќе биде организирана расправа за дефинирање на последователните чекори.
5.3. Развиени капацитети за волонтерство
5.3.1. Прирачник/брошура за волонтерство
Прирачникот ќе се состои од чекор-по-чекор содржини со кои секоја заинтересирана ГО ќе може да пристапи кон регрутирање, мотивирање, управување и оценка на работата со волонтерите.
Теоретската рамка ќе биде поткрепена со неколку примери и анализа на случаи од ГОи кои успешно работат со волонтери во РМ, со сите формати кои биле користени, како и научени лекции.
За потребите на подготовка на прирачникот може да се користат и содржините од прирачникот за раководење на волонтери кој беше направен од работна група која беше студиско патување во САД на оваа тема. Исто така можат да се користат содржините од обуките кои ИТЗ ги има организирано на оваа тема.
Прирачникот ќе се отпечати во 1000 примероци. Истите ќе се дистрибурираат преку членките на ГПМ, Центрите за поддршка на НВО, како и другите посреднички организации.
5.3.2. Промоција на волонтерството
Целта на оваа активност е да се промовира волонтерството преку создавање база на податоци за регрутирање волонтери и водич за волонтирање, наменет пред сè за студентите.
Базата на податоци ќе биде он-лајн на сајтот на ГПМ и ќе располага со податоци за членки на ГПМ кои имаат потреба/бараат волонтер и граѓани кои сакаат да волонтираат.
Водичот за студентите ќе го објасни начинот на кој може да се стане волонтер, што тоа значи, како и можностите за волонтирање во ГПМ.
|