|
2. Законска рамка
2.1. Подобрена фискална рамка
2.1.1. Дебати за даночни олеснувања во одделни закони (публикување препораки)
Според Прегледот на даночните закони кои имаат влијание врз НВО во ЦИЕ, Македонија лошо стои по скоро сите прашања на ослободувањата, олеснувањата и третманот на граѓанските организации кај сите видови даноци. Бидејќи по сите овие прашања сме на самото дно или најблиску до него, како следна активност во процесот на подобрување на фискалната рамка за граѓанските организации ќе биде формиран тим експерти. Тимот ќе организира 5 расправи, по кои ќе изготват препораки за измени на фискалната регулатива која ги засега граѓанските организации, обработувајќи ги следните прашања: персоналниот данок и данокот на добивка, даноците на недвижен имот, подарок, наследство, ДДВ, третманот на доходите од деловните и инвестициските активности, доходите од пасивните инвестиции (камати, дивиденди, ренти), даночните олеснувања на физички и на правни лица кои донираат во граѓанските организации, царините.
2.1.2. Иницирање законски решенија за даночните олеснувања
Со цел да се олесни домашната поддршка за финансирање на граѓанските организации ќе се иницираат законски решенија за даночни ослободувања (ДДВ, персонален данок, данок на добивка). Решенијата ќе бидат расправани од членките на ГПМ, а потоа ќе се формира тим за лобирање и промоција на концептот во релевантните институции, како и за започнување иницијатива за донесување соодветна законска регулатива.
2.2. Подобрена специфична законска регулатива
2.2.1. Иницирање државен фонд за поддршка на ГО
Во Република Македонија повеќе организации (МЦМС, Здружението на даночни работници и др.) направија истражувања за постоечката регулатива за финансирање на ГО од страна на државата. Сепак, во овие истражувања недостасуваат податоци за висината на расположливите средства за граѓанските организации.
Оваа активност за цел ќе има да направи преглед на можностите (вкл. висина на расположливите средства) за финансирање од страна на државата. Врз основа на наодите од истражувањата и прегледот на можностите, ќе се иницира формирање државен фонд за поддршка на граѓанските организации.
Независно од препораките од анализата, се смета дека ваквиот начин е најчесто применуван и најкорисен во земјите од регионот во зависност од степенот на развој и законската регулатива по истото прашање. Постојат различни примери, како во Унгарија, Хрватска и сл. До крајот на оваа програма се очекува да бидат утврдени и критериуми за финансирање на граѓанските организации од страна на државата, со што би се зголемила и транспарентноста при распределбата на средствата.
|
|