| |
Стратешка работилница на ГПМ
Охрид, 19 – 20 март 2009

На 19 и 20 март 2009 год. во хотел Метропол во Охрид, беше одржана Стратешката работилница со цел да се утврдат кои се стратешките цели и програмските активности.
На Стратешката работилница беа разгледани повеќе прашања како: факторите на одржливост на граѓанските организации, презентација за Евроинтеграциските процеси и ИПА компонентите како и кратка презентација на извештајот за реализираната програма на ГПМ за 2006 -2007 год.
На работилницата беше направена анализа на принципите на ГПМ, како и дефинирањето на стратешките цели и ориентации.
Преку истакнување на јаките и слабите страни, како и можностите и заканите на ГПМ преку SWOT – анализа, од страна на претставниците беше изработена SOR –Матрица од која ќе се дефинираат стратешките цели. На работилницата беше формирана работна група која ја сочинуваат: (Зоран Богдановски, Звонко Шаврески,Сунчица Саздовска, Лулзим Хазири, Весна Јованова и Катерина Конеска) која ќе работи на утврдувањето на стратешките цели. На работната група и се остави простор од две недели за утврдувањето на стратешките цели. По утврдувањето на стратешките цели ќе се утврдат и предлози за програмските активности на ГПМ, со што ќе се овозможи изработка на Годишната програма за работа на ГПМ за следните 2 години.
На работилницата беше дискутирано и прашањето за правниот статус при што поголем број од претставниците го изнесоа ставот на нивните организации дека ГПМ треба да има формален правен статус. Беше одлучено ова прашање детално да се разгледа на следната седница на Комитет а после тоа да се разгледа и на седница на Совет за да се види каков е ставот на сите организации членки на ГПМ во поглед на ова прашање. |
|
| |
Звонко Шаврески е избран за Претставник на здруженијата на граѓани и фондации во Секторскиот комитет за следење на оперативната програма за развој на човечки ресурси.
Во рамките на четвртата компонента на ИПА за развој на човечки ресурси, кон крајот на 2007 година беше усвоена Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007–2013 година, која е директно поврзана со реализација на финансиската помош на Европската Унија (ЕУ) преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Во тек е воспоставување на Секторскиот комитет за следење (СКС), кој претставува одговорно тело за следење на имплементацијата на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007–2013 година.
Во СКС, покрај претставниците на Европската комисија, надлежниот координатор за авторизација, националниот ИПА координатор, стратешкиот координатор за компонентите за регионален развој и развој на човечки ресурси, раководителот на оперативната структура и крајните корисници на програмата, планирано е и вклучување претставници од граѓанското општество и социјалните партнери.
По постапката за избор, Верификационата комисија на ГПМ го избра Звонко Шаврески за претставник на граѓанскиот сектор во Секторскиот комитет за следење.
Кандидатотот Звонко Шаврески доби поддршка од вклучените организации во процесот со што е именуван за Претставник на здруженијата на граѓани и фондации во Секторскиот комитет за следење на оперативната програма за развој на човечки ресурси.
Изјава и пријава на кандидатот |
| |
|
Заврши НВО САЕМОТ - 6 ФОРУМ НА граѓанското општество во Македонија
ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА СИТЕ
 
Годинава на НВО Саемот своите активности ги презентираат 128 граѓански организации, цркви и верски заедници, владини и меѓувладини организации. Фокус-земја на годинешниот НВО Саем беше Република Бугарија.
“Еднакви можности за сите” беше носечката тема на годинешниот шести Форум на граѓанското општество. За прв пат годинава Македонскиот центар за меѓународна соработка го организира НВО Саемот како дел од програмата за работа на Граѓанската платформа на Македонија.
„Различни, а еднакви не е само моментален тренд, туку историски предизвик на човечката цивилизација. Време е за интеграција на различните борби и движења за еднаквост по било која основа во пошироко движење за еднакви можности на сите и недискриминација“, рече на отворањето Сашо Клековски, извршниот директор на МЦМС. „Во Европската година за еднакви можности за сите, исто така, мораме да побараме еднаквост за Македонија. Спорот со Грција, не само што не може да биде мултилатерален, туку не може да биде ниту билатерален спор. Бидејќи не може да биде спор правото на самоопределување и слобода, правото на своја култура и идентитет. Само еднакви можеме да бидеме членови на Европската унија (и НАТО)“, додаде тој.
Во името на Бугарската национална платформа на развојни организации и учесниците од Бугарија, зборуваше Ивон Кожухарова. „Ние од граѓанскиот сектор треба да ја играме улогата на амбасадори за подобри односи меѓу нашите земји“, рече таа.
Ерван Фуере, специјалниот претставник на Европската Унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија рече дека не може да имаме добри политики и добри одлуки без консултации и без потполно учество на тие врз кои овие одлуки ќе влијаат. „Од суштинско значење е да се зајакне развојот на моделот за учество на граѓанското општество како предуслов за демократскиот и социо-економскиот развој на општеството“, рече Фуере.
„Граѓанскиот сектор е совеста на едно граѓанско општество“, рече во своето обраќање претседателот Бранко Црвенковски. „Невладиниот сектор организиран од невладините организации е предуслов за создавање вистински силен и ефикасен граѓански систем. Извесноста на овој сектор треба да ја бараме во решавањето на неговата одржливост“, додаде претседателот на свеченото отворање на НВО Саемот.
Саемот оваа година го посетија над 4.200 граѓани.
|
|
|
 |
|
|